Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја одредува ЕВН Хоум наместо Регулаторната комисија за енергетика, како до сега. Регулаторната комисија ќе има обврска само да направи проверка, но сè уште не е извесно дали ќе може да интервенира врз цената.

Ова денеска го потврди Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, а согласно новите измени во Законот за енергетика.

– Нема повеќе да ја определуваме на тие начини, цената за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе ја објави ЕВН Хоум, а претходно ќе ја даде на контрола во РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи. Ова се прави во речиси сите држави, само ние, Србија и Косово останавме каде РКЕ ја соопштува цената на електричната енергија – изјави Бислимовски.

Не се знае дали овие промени ќе донесат и повисоки сметки за струја за граѓаните, со оглед на тоа што регулаторите досега голем дел од пријавените трошоци на енергетските компании не им ги признаваше и не ги калкулираше во крајните цени.

Новата цена треба да се донесе до крајот на годинава, а ќе важи од јануари 2024 година.

Од 1 декември се враќа и дневната евтина тарифа која домаќинствата ќе може да ја користат од 13 до 15 часот. За да имаат евтина струја ќе треба да почекаат околу 600 илјади домаќинства кои имаат стари броила, а ЕВН нив рачно ќе ги менува од 1 декември.