Три лица, кои вчера беа пријавени за исчезнати, синоќа се пронајдени починати во превртен автомобил на патот од Граничниот премин Блаце кон Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, на 19 јули во 22.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на патот ГП Блаце – Скопје има превртено патничко возило „мерцедес“ со германски регистарски ознаки.
Полициски службеници веднаш излегле на местото на несреќата, каде што било утврдено дека во возилото се наоѓаат три починати лица – еден маж и две жени. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Претходно истиот ден, во 13.40 часот, во Полициската станица Бит Пазар, државјанин на Косово пријавил дека трите лица се исчезнати. Според пријавата, последниот контакт со нив бил остварен на 18 јули околу 22.15 часот, кога се наоѓале на Меѓународниот аеродром Скопје.
Од МВР засега не соопштуваат повеќе детали за причините за несреќата. Увидот треба да ги утврди околностите под кои возилото излетало и се превртело на патот.

































