Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, поради сомнение за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.
Според Обвинителството, осомничените на 25 јуни им наложиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода загадена со штетни материи, во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата.
При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку потисни црева пренесувале вода од отворениот канал во комората со вода за пиење. На тој начин, според истрагата, дошло до мешање на загадена вода со водата од системот за јавно водоснабдување на Гостивар и околните села.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од каналот е сериозно загадена и неупотреблива за каква било намена. Во неа биле измерени 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 мл.
Испитувањата на примероците од каптираниот извор покажале присуство на колиформни бактерии – 39 cfu/100 мл, иако според стандардите тие не смеат да бидат присутни. Констатиран е и зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии, поради што водата е оценета како небезбедна за употреба и консумација.
Дополнително, анализата на примерок земен од чешма на улицата ЈНА во Гостивар покажала концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л, што е над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л.
Обвинителството оценува дека последиците од загадувањето не можат лесно да се отстранат и дека постои основано сомнение за сторено кривично дело. Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на денот јавен обвинител ќе одлучи дали до судот ќе предложи мерки за нивно обезбедување.
Истрагата продолжува со цел целосно да се утврдат сите околности поврзани со случајот.
































