Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во попладневните и вечерните часови се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме проследено со појава на град. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој на места повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од 12 до 20 степени, додека дневните ќе достигнат од 30 до 37 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната дневна температура ќе достигне до 35 степени.
Според прогнозата на УХМР, до петок времето ќе биде променливо облачно и нестабилно под влијание на серија влажни воздушни маси. На повеќе места се очекуваат поројни дождови и грмежи, а локално ќе има краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во петок се прогнозираат пообилни врнежи од дожд, а поради продор на постудена воздушна маса од север се очекува и значително намалување на дневните температури.
































