Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење, соопшти вечерва Основното јавно обвинителство.

– Осомничените соизвршители, во својство В.Д. директорка на ЈП “Комуналец” – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и раководител на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие, со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села. Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем – се вели во соопштението на обвинителството.

Оттаму додаваат дека во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување.

– По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје изврши анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал при што е констатирано дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 милилитри наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 милилитри а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 милилитри додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 милилитри. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето. Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на улица ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мигиграм/литар кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 милиграм/литар но не повеќе од 0.5 милиграм/литар – се вели во соопштението.

Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, од ОЈО велат дека јавниот обвинител оценил дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело.

– Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува да презема истражни дејствија за целосно испитување на настанот. Осомничените се лишени од алобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот – се вели во соопштението.