Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Расчистено е пукањето од 8 август во тетовското подрачје, три лица се лишени се од слобода, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.

– Вчера во 14:45 часот на патот Тетово – село Селце, тетовско, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи – Тетово го лишија од слобода 34-годишниот А.Џ. од село Селце, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“. Имено, тој се сомничи дека на 8 август околу 4:20 часот од мопед со што се движел, испукал повеќе куршуми од автоматска пушка кон семејната куќа на Ш.Б., на возраст од 48 години, по што се оддалечил од местото – појаснија од МВР.

Како што додадоа од МВР, во врска со настанот, вчера во периодот од 20 до 22:55 часот, полициски службеници од СВР – Тетово со судска наредба извршиле претрес во домот и помошните простории на Д.С., на 44-годишна возраст, во Тетово.

– При претресот се пронајдени и одземени 66 патрони ловечка муниција калибар 12 милиметри, две кациги, две камери за видео-надзор и мемориска картичка, а поради сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 и сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик, од слобода е лишена Ф.С., на возраст од 58 години, од Тетово. Исто така во врска со настанот, во 23:40 часот во СВР – Тетово, сама се пријавила Ф.С., 31-годишна тетовка. Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираа од МВР.