Македонски државјанин починал завчера кај хрватскиот остров Равник, во близината на Вис, откако му се слошило и останал без свест за време на нуркање, известуваат хрватските медиуми. Причините за смртта треба да бидат утврдени на обдукцијата, која е во тек.
Македонскиот нуркач набргу по несреќата, која се случила во претпладневните часови, бил извлечен на копно, по што следувал обид за реанимација. На помош пристигнале и лекари од брзата помош, но македонскиот државјанин веќе бил починат, според првичните информации. Неговото тело е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Сплит.
Станува збор за скопјанец, на 50-годишна возраст, кој со нуркање се занимавал повеќе од 20 години, а според информациите на „Нова Македонија“, тој бил обучен за нуркање во отворени води и за посложени нуркања во пештери.
Упатените наведуваат дека кај Вис се нуркало со т.н. рибредери, при што во подводните активности учествувале членови на повеќе нуркачки клубови од Македонија и Србија.
Се очекува телото да биде транспортирано и предадено на семејството по обдукцијата.