Во САД бил идентификуван под името Смаил Џурлиќ, со презиме на неговата жена, која ја масакрирал и чии делови од телото подоцна ги пронашле новите сопственици на куќата, под куќниот праг на дневната соба откако почнале со реновирање на објектот

КОЈ Е СМАИЛ ТУЉА, СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД ЦРНА ГОРА (3)

Кога ќе се спомене терминот сериски убиец, првата реакција е дека тука кај нас на Балканот вакви луѓе нема. Токму тоа е и заблудата. Изненадува фактот дека токму тука, на Балканот, има голем број случаи на сериски убијци што немилосрдно убивале без трошка милост, страв и сочувство. Некои од нив дури оставиле голем белег во светски рамки. Таков е случајот со Смаил Туља, сериски убиец со меѓународни размери, кој пред повеќе од десетина години ја потресе и Црна Гора. Тој беше осомничен за извршување повеќе убиства во неколку земји. На црногорската полиција ѝ беа потребни неколку месеци да го идентификува Смаил Туља, тогаш 67-годишен маж, уапсен во населбата Маслина во Црна Гора, осомничен за монструозни убиства во САД, Белгија и во Албанија.

СО ПИЛА ГИ СЕЧЕЛ ЖРТВИТЕ

Смаил Туља, роден во 1940 година во црногорскиот град Плав бил уапсен дури во 2007 година, со помош на меѓународна потерница објавена од Интерпол уште од 1985 година, поради тоа што во САД го извршил своето прво монструозно убиство.
Агентите на ФБИ утврдија дека тој на крајно монструозен начин во 1985 година во Њујорк ја убил својата првата жена, а потоа во 1990 година и другата. Неговата втора жртва, Мери Бил, се водела како исчезната од 15 септември 1990 година, а три недели подоцна била пронајдена во две ќесиња за ѓубре – обезглавена и распарчена. Ја убил удирајќи ја со чекан по главата, по што со нож и пила го исекол нејзиното тело.
Како сериски убиец, оставал свој печат. Убиените жени ги касапел. Им ги корнел главите и рацете за да не можат да бидат идентификувани, а им ги вадел и внатрешните органи, по што, деловите од нивните тела ги пакувал во црни ќесиња за ѓубре.
Бил наречен Касапот на Бронкс. По убивањето на втората сопруга, Смаил со својата трета сопруга избегал во Белгија. Неговите жртви во оваа европска земја исто така биле распарчени, ставени во вреќи за ѓубре и расфрлени низ градот.
Во 2006 година, во Албанија беа пронајдени две распарчени жртви на убиство, за кои истражителите утврдиле дека се убиени од истиот убиец што претходно убивал во САД и во Белгија.

МРАЧЕН ПОВЕЌЕ И ОД САМИОТ ЃАВОЛ

Американските агенти трагале по него уште од 1985 година, меѓутоа тој вешто се криел зад презимето на својата сопруга, ги менувал адресите, а потоа и државите на живеење.
Така и бил идентификуван во САД, под името Смаил Џурлиќ, со презиме на неговата жена, која ја масакрирал и чии делови од телото подоцна ги пронашле новите сопственици на куќата, под куќниот праг на дневната соба откако почнале со реновирање на објектот.
По убиството во Њујорк, во Бронкс, тој се преселил во Белгија, а потоа во Албанија каде што продолжил да убива. По враќањето во Црна Гора, кон крајот на деведесеттите години, тој продолжува да си живее во населбата Маслина како ништо да не се случило. На почетокот на судскиот процес, Туља се бранел со молчење, а официјално бил осомничен за убиство.
Не само што бил загатка за соседите туку бил мистерија и за полицијата. Долго и безуспешно полицијата се обидувала да го дешифрира неговиот идентитет. Во многу земји тој често менувал лични карти и пасоши. На еден личен документ го имал презимето на неговата сопруга, а на друг некое друго. Тој го менувал и личниот изглед, па така, од странските земји пристигнал со документи на кои имало негова фотографија од неговата младост, на друга пак бил проќелав. Потоа ги сменил фотографиите, а на неговата последна лична карта, која била издадена од црногорските институции, тој на фотографијата бил со очила и ќелав.
Откако се вратил во Црна Гора, тој живеел изолирано во две куќи. Воопшто не контактирал со соседите.
– Ние го знаеме како Смајо. Секој ден заминуваше рано наутро и се враќаше доцна навечер. Ретко со кого зборуваше. Често доаѓаа луѓе со „мерцедеси“ и „џипови“ и престојуваа тука и по неколку дена. Чуден човек. Самотник. Мрачен повеќе и од самиот ѓавол – говореа неговите соседи за него.
Тој работел како таксист, а никој воопшто не ни се посомневал дека станува збор за сериски убиец.
– Неколкупати се возев со него. Само ќе ме прашаше до каде сакам и толку. Се сеќавам еднаш го прашав како му оди работата и дали може убаво да се живее од неа, тој само ме погледна и ништо не ми одговори. Сѐ уште се сеќавам на неговиот мрачен, студен и морбиден поглед. Тогаш нешто во мене рече „стоп“ и никогаш повеќе не влегов да се возам со него – раскажуваат соседите.

УАПСЕН ДУРИ ВО 2007 ГОДИНА

Со помош на другите податоци, како името на мајката, децата и другите роднини, било утврдено дека станува збор за Смаил Туљо, по што била започната и официјална истрага за него. Полицијата официјално го уапсила во 2007 година во Подгорица.
Предметите што биле пронајдени во неговата куќа биле предадени на лабораториски тестирања заради утврдување на нивното евентуално користење при реализацијата на кривичните дела.
На почетокот на судскиот процес, Смајо се бранел со молчење, а подоцна и со отфрлање на обвиненијата.
Конечно, во јуни 2010 година, судот во Подгорица, го осуди на 12-годишна затворска казна. Во 2012 година, неговата здравствена состојба се влошила, па со одлука на Министерството за правда, на 6 февруари 2012 година, Министерството за правда му го прекинува издржувањето на затворската казна.
По напуштањето на затворот тој заминува кај неговиот брат, каде што по петнаесетина дена умира.
Неофицијално, според пишувањата на медиумите, Смајо извршил пет убиства во Белгија, две во Албанија и две во САД.