Каде да се обрати родителот доколку се посомнева дека неговото дете е „жртва на врсничко насилство во училиштето“ и што да направи ученикот? Имено, „булинг претставува збир на намерни или негативни постапки, задавање или настојување да се зададе повреда или друг вид непријатност и штета на друг ученик. Овие постапки се подолготрајни и насочени кон ист ученик/ученичка или група ученици од страна на еден ист ученик/ученичка или група ученици. Булингот како поим означува агресија на еден кон друг ученик, најчесто на посилниот кон послабиот, при што напаѓачот или нападнатата страна може да биде поединец или група. Булингот може да се манифестира како физичко, психолошко или емоционално, социјално или сексуално насилство“, се дефинира во Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба или занемарување

Родителите да немаат дилеми за тоа што значи и како да се реагира кога ќе се судрат со феноменот „булинг“

Каде да се обрати родителот доколку се посомнева дека неговото дете е жртва на врсничко насилство во училиштето и што да направи ученикот? Ова прашање им се врти низ глава на многу родители и ученици што се соочуваат со врсничко насилство, проблем чие решавање е и комплексно и бара системски ангажман.
Побаравме одговор во неколку основни и средни училишта, кои потврдија дека постои административна процедура според која ученик/родител/наставник може да реагира по препознаено врсничко насилство. Оттаму објаснуваат дека секоја програма за тековната учебна година вклучува упатства како да се постапува во случај на насилство во училиштата, а тоа го вклучува и булингот меѓу учениците.

Како да препознаете дека детето е жртва на врсничко насилство

– Прва станица каде што треба да се обрати ученикот, родителот или наставникот е педагошко-психолошката служба во училиштето. Во разговор со педагогот и психологот ќе се утврдат првичните состојби и ќе се утврди формата на булинг. Секако, во меѓувреме, ако се процени дека состојбата може да ескалира, се информираат директорот и наставничкиот колегиум во училиштето. Понатаму, во зависност од случајот, се информираат и се повикуваат да постапуваат и другите институции, како Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи … – посочуваат надлежните во училиштата.
Од средните училишта велат дека најмногу се фокусираат на едукација на наставниците и учениците околу значењето на врсничкото насилство, како и последиците од него.
Најголемиот дел психолози во основните улиштата велат дека постапуваат според Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба или занемарување. Овој документ од 49 страници, кој е поставен на веб-страницата на Министерство за образование и наука (МОН), ги уредува и мерките и активностите што ги преземаат основните училишта во случаите на насилство над ученик и мерките за промена на однесувањето на сторителот.
„Булинг претставува збир на намерни или негативни постапки, задавање или настојување да се зададе повреда или друг вид непријатност и штета на друг ученик. Овие постапки се подолготрајни и насочени кон ист ученик/ученичка или група ученици од страна на еден ист ученик/ученичка или група ученици. Булингот како поим означува агресија на еден кон друг ученик, најчесто на посилниот кон послабиот, при што напаѓачот или нападнатата страна може да биде поединец или група. Булингот може да се манифестира како физичко, психолошко или емоционално, социјално или сексуално насилство“, се дефинира во упатството.

Пријавувањето насилство или сомнеж за насилство е должност и обврска

Понатаму се посочува дека секој е должен да пријави насилство или сомнеж за насилство над ученик, без разлика дали се случило во училиштето, на патот до училиштето или во училишниот двор, во домот на ученикот или на кое било друго место.
– Наставниците, стручните соработници и директорот на училиштето се должни да го препознаат насилството, во секојдневното работење да внимаваат дали во училиштето се случува насилство, дали некој ученик е жртва на насилство и дали некој ученик се однесува насилно. Доколку забележат насилство, наставниците, стручните соработници и директорот на училиштето се должни да го применат упатството – пишува во документот.
Насилството е често или постојано присутно во училиштата, потврдуваат 62,7 отсто од анкетираните средношколци.

Законски ќе се прецизира како да се постапи во случај на насилство

Од Министерството за образование и наука велат дека заедно со Министерството за внатрешни работи, единиците на локалните самоуправи, училиштата, странските партнери, граѓанските организации, во континуитет работат на издигнување на свеста кај младата популација за потребата од толерантно однесување и надминување на конфликтите без насилство.
– Едни од поважните активности спроведени во оваа насока во изминатиот период се измената на законската регулатива и прецизирање на постапувањето при детекција на случаи на насилство врз ученици – велат оттаму.
Од МОН се децидни дека сите одредби со кои се зајакнува превенцијата од насилство ќе бидат дел и од новиот закон за средно образование, кој е во фаза на изработка.
– Во меѓувреме, средните училишта исто така во своите програми за работа предвидуваат активности за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и спречување врсничко насилство и слично – заклучуваат од ресорното министерство.
Законот за основно образование е нов и има прецизни одредби и превенции за врсничко насилство. Од МОН информираат дека Законот за основното образование, кој е усвоен во 2019 година, во членот 5 прецизно уредува дека вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.
Училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација. Активностите се остваруваат низ различни наставни и воннаставни активности со учениците, вработените, родителите, односно старателите на децата во соработка со општините, во согласност со утврдените потреби од страна на училишниот одбор, советот на општината или педагошката служба. Меѓу активностите треба да се предвидат работилници за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и справување со врсничкото насилство и слично.
Во членот 65-а е утврдено дека директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице што е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство, предложен од Бирото за развој на образованието, а донесен од министер.
– Со упатството се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство. Стручната служба во училиштата е должна да постапува и за го заштити интересот на ученикот. Постои програма за психолошко советување родители на ученици и на самите ученици што во одредени периоди за време на училишниот престој, односно во текот на воспитно-образовниот процес покажуваат извесни форми на несоодветно однесување за својата возраст, иницираат или пак доживуваат одредена форма насилство, драстично го намалуваат просечниот успех во учењето и слично – велат од МОН.