Во исказот пред судечкиот совет на рочиштето за „Рекет“, првообвинетиот Бојан Јовановски говореше за односите со поранешната специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за нејзиниот син Лазар Јанев, како и запознавањето.

Во текот на судењето, тој ја карактеризираше Јанева како народен човек и либерална жена, која нема предрасуди, што се покажало бидејќи не и пречела неговата сексуална определба.

Јовановски зборуваше и за односите со осудениот Зоран Милески-Кичеец, со кого се познавале 15 години. Како што рече, контактите со Кичеец ги интензивирале во 2018 година, кога според исказот, Кичеец инсистирал да се сретне со Камчев.

– Со неа разговаравме и за мои љубовни работи, на никој не сум и кажувал што да работи и како. За предметот „Империја“ и другите предмети, јас дознав овде, во судницата. Со Јанева се запознав во септември 2018 година, кога ја поканив за да гостува во „1ТВ“, па имавме средба во СЈО, но ја одби поканата. Целта беше да ја раскаже животната приказна во емисијата „Лица“. Лазар Јанев првпат го видов на фотографии, а таа ми кажа дека е правник и не е вработен. Тогаш и понудив да работи кај нас. Јанев контактираше со АВМУ, но немаше врска со маркетингот – рече Јовановски.

За осудениот Зоран Милески-Кичеец, обвинетиот Јованвски рече дека жали што го запознал, иако во минатото биле блиски. Пред судот покажа и заедничка фотографија направена во странство.

– Камчев ми објасни што работи Кичеец во „Орка холдинг“, посочувајќи дека е најдобриот оперативец. Способностите на Кичеец се гледаат и преку тоа што постојано му наоѓаа мобилни телефони во затворот кои Русковска не ги вештачела. Тој се спогоди и доби казна. Сега е на слобода. Јас сум во затвор – објаснуваше Јовановски.