Доцна попладнево, во тетовското планинско село Гајре полицијата го пронашла и го лишила од слобода А.К.(53) од Мала Речица кој е осомничен дека минатата ноќ околу 22 часот и 30 минути смртно ја застрелал својата сопруга Х.К.(52), информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци при апсењето кај А.К. биле пронајдени и одземени две парчиња огнено оружје – пиштол и ловечка пушка.

-Тој веднаш бил донесен во полициската станица во Тетово каде ќе биде задржан за понатамошна постапка, а во текот на утрешниот ден со соодветен поднесок тој ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово -најави Јосифовски.

Осомничениот ја застрелал својата една година помлада сопруга додека била на гости кај нејзините родители во Мала Речица, а при излегувањето од куќата пукал и кон таксистот Р.Џ.(50) кој за среќа не го погодил по што со своето возило избегал и се уште не е достапен на органите на прогонот.