Денешното рочиште за случајот „Друмарина” е одложено за 10 мај поради домашна изолација на обвинетата Силвана Бонева. Одбраната доставила потврда за изолација  на обвинетата поради ковид-19 и здравствен надзор, како што соопшти судијата Мартин Станевски пред одложувањето на рочиштето, на кое беше предвидено да биде сослушан сведок.

Случајот „Друмарина“ се однесува на измами поврзани со користењето на патните трошоци. Според обвинението, Бонева во периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како пратеник во Собранието, со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело измама.

Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници, со што го довела во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во вкупен износ од 6.458.551 денари (над 100.000 евра).

– Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања – наведе Обвинителството.