Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски по денешниот два и пол часовен распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција изјави дека не била присутна кога се договарала трансакцијата од 720 илјади евра на бизнисменот Силјан Мицевски до „Меѓународниот сојуз“, чиј претседател е осомничениот Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Почесната претседателка на сојузот ги отфрли сите шпекулации за нејзина поврзаност со случајот „Рекет”.

Ременски не одговори на прашањето дали како почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“ била запознаена со плановите и стратегиите на невладината организација. По ова прашање пратеничката рече дека сè што знае за случајот го кажала на распитот пред обвинителката Вилма Русковска.

Ременски во однос на нејзиното познанство со Бојан Јовановски, осомничен за случајот „Рекет“, рече дека не станува збор за ништо посебно, туку се познавала исто како и со новинарите.

Досега на распит беа повикани обвинителите од СЈО, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Катица Јанева, Јосифовска, како и Лила Филиповска и Силјан Мицевски.