Кривичниот суд донесе решение со кое го одобрува обвинителниот акт за организаторите на крвавиот упад во Собранието на 27 арпил. На обвинителна клупа ќе седнат експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Обвинителството ги гони за делото терористично загрозување на уставниот поредок. Кривичниот суд соопшти дека согласно АКМИС-системот ќе биде распределен кај судија, кој ќе треба да закаже рочиште и да го води случајот.

За експремиерот Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, и поранешениот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој е во бегство во Грција, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.

Тие се гонат бидејќи според Обвинителството на критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување насилство.

– Наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето За заедничка Македонија што кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието – соопштија од Обвинителството при поднесување на обвинението.