Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Ископувањето“ на криптовалути како нов начин на кој македонските граѓани се обидуваат да дојдат до заработка, дури и со незаконски практики, се актуелизира по вчерашната пријава до Министерството за внатрешни работи (МВР) дека во Градскиот трговски центар (ГТЦ) се крадела електрична енергија наменета за оваа цел. Полицијата утврди дека, сепак, немало кражба на електрична енергија во подрумите на ГТЦ, откако претставници на ЕВН и одговорни лица од трговскиот центар биле повикани за да се направат проверки. Тие посочиле дека нема кражба, а со тоа полиција та констатирала дека нема сторено кривично дело. Но, кражбата на електрична енергија предизвикана од интересот за криптовалутите во земјава останува проблем за ЕВН „Македонија“, особено во сензитивниот период поврзан со енергетската криза.

За да се ископа биткоин потребно е да се поседува посебна компјутерска машина позната како „риг“. Тие трошат огромни количества електрична енергија, до која „рударите“ честопати доаѓаат на нелегален начин, објаснува Бобан Стојчевски, дипломиран електроинженер и ИТ-експерт.    
 
– За поставувањето на машините за копање, кои ги викаме „ригови“, најпрвин е потребен ИТ-експерт, односно лице кое малку повеќе се разбира од компјутерска опрема. Поставувањето на ваквите ригови не е едноставно, бидејќи е потребно да се обезбеди простор со добро ладење, со цел опремата која се загрева да не се оштети. Температурата во просториите каде што ќе бидат поставени риговите треба да биде добро регулирана, односно да се одржува на 30 степени целзиусови – вели Стојчевски. 
 
Тој додава дека солидна графичка картичка чини од 500 до 700 евра, а на еден риг се поставуваат од четири до шест графички плочи кои го вршат ископувањето на криптовалутите, така што станува збор за инвестиција од голема сума која е потребна за да се разработат и да функционираат ваквите операции.  
 
– Локациите каде што се поставуваат ваквите ригови варираат низ нашата држава, од најочигледните, па сѐ до најчудните, како подруми на објекти, специјални скривници, дури и селски населби. Нема да ме чуди доколку во иднина видиме и ригови приклучени на болници – додава Стојчевски.

Од ЕВН „Македонија“ додаваат и дека во случајот со ГТЦ, целиот објект поседува свои приватни трафостаници, а Електродистрибуција врши мерење на потрошувачка на среден напон, односно на 10 киловолти, што значи дека делот на мрежата која е во сопственост на ЕВН, уредно ја регистрира и фактурира потрошувачката кон ГТЦ. Останатиот дел од мрежата, односно внатрешната инсталација, не е во сопственост и надлежност на ЕВН „Македонија“.

Ископувањето на криптовалути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик на Македонија, како што вчера соопшти МВР. Иако криптовалутите не се регулирани во нашата држава, доколку потрошувачите на електрична енергија ја плаќаат струјата, тие всушност, не прават ништо нелегално, сметаат експертите. Проблемот настанува доколку овие „рудари“ за „ископувањето“ на криптовалутите се прикачат нелегално и почнат да крадат електрична енергија, бидејќи за остварување на ваквите големи заработки потребна е и голема потрошувачка на електрична енергија.

Кражбата на електрична енергија е појава која присутна низ државава, за одредени објекти, но и за „копањето“ на криптовалути. Надлежните државни институции и ЕВН секојдневно се соочуваат и се борат против овој прекршок кој предизвикува огромни штети и последици, особено во сензитивен период поврзан со енергетската криза.

– Доколку сѐ е регуларно, потрошувачката за копање криптовалути е поголема од сите потрошувачки апарати кои ги има во домот или во одреден објект. Секој објект има соодветна енергетска согласност, односно капацитет колку електрична енергија може да троши. Ако тој капацитет се наруши врз основа на новопоставените машини за криптовалути, а мрежата не е димензионирана да ја опстои новопоставената потрошувачка, може да настанат проблеми, како што се споевите и избивањето на пожари – велат од  ЕВН „Македонија“.

Најчесто, мрежата не е дизајнирана за новосоздадената потрошувачка на електрична енергија при копањето криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот „бизнис“. Последиците се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците, на кои им се нарушува вообичаеното снабдување со електрипна енергија.

– Според енергетските согласности, домаќинствата се ограничени на потрошувачка од 11 киловати. Нелегалното користење на електрична енергија може да доведе до преголема оптовареност на трафостаниците, која резултира со сериозни оштетувања и нивно прегорување. Санацијата на овој вид штети од финансиски аспект чини десетици илјада евра, што понатаму негативно се рефлектира во реализација на идните планови за развој и ширење на мрежата за корисниците – објаснува Ленче Карапузовска, менаџер за комуникации на ЕВН „Македонија“.

Од ЕВН „Македонија“ сметаат дека овој бизнис треба да се регулира од страна на финансиските институции во државата. Кога тоа би било регулирано, тогаш и тарифата би била одредена од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство. Досега, ЕВН „Македонија“ успешно уловила неколку диви приклучоци за кражба на струја наменета за копање криптовалути.

– Откривањето најчесто е проследено со појава на чести дефекти на места каде се инсталираат компјутери за таа намена, а се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде што енормно е зголемена потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите – посочуваат од ЕВН „Македонија“.

Доста честопати има пријави и од самите корисници кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејки го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија. А присутни се и дојави каде што „копачите“ на биткоини ја сместувале нивната опрема и во напуштени селски куќи, подруми, напуштени објекти, каде што сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во одреден регион.