Фото: Влада

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска се сретна со Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација.

На состанокот е заеднички констатирано дека Република Македонија и Швајцарската Конфедерација се пријателски држави, коишто соработуваат низ блиски билатерални односи во трите децении од нивното воспоставување, што ќе биде одбележано следната година.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство со Швајцарската Конфедерација и за тоа што државата е најголем билатерален донатор во нашата држава, преку проекти од важност за демократијата и секојдневниот живот на граѓаните.

На средбата е поздравена определбата на нашата држава за демократски развој и се изразени честитки за почетокот на преговорите со Европската Унија, како стратешка цел на Република Северна Македонија. Исто така оценето е дека е важен придонесот на сите политички субјекти во Парламентот и во државата за натамошниот напредок на земјава, соопшти владината прес-служба.

– Носиме одлуки за добра иднина на граѓаните и на државата, со целосна заштита на идентитетските определби и на државните интереси. Практикуваме европски вредности и дома и во регионални и меѓународни рамки. Се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, како што отсекогаш оваа земја застанувала на вистинската страна на историјата. Сега сме посветени на решавањето на предизвиците со обезбедувањето енергија и храна, со што е соочен целиот демократски свет. И од големо значење се пријателствата што ги имаме, како со Швајцарската Конфедерација, во нашите определби кон натамошниот развој на државата – рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е разговарано за актуелни политички прашања во Македонија, како и во контекст на случувањата во светот.

Потврдена е и важноста на соработката во областа на доброто владеење, владеењето на правото, животната средина, што даваат резултати и е оценето дека може да се унапреди и во други важни сфери. Истакната е грижата што ја покажува Швајцарската Конфедерација за нашата дијаспора, како мост во добрата соработката меѓу двете држави.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација.

Фото: Претседател на РМ

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу Македонија и Швајцарија, кои од воспоставувањето на дипломатските односи се цврсто поставени со позитивна развојна динамика, при што соговорниците се заложија за интензивирање на политичкиот дијалог, како и унапредување на проектната поддршка за натамошен демократски и економски развој на нашата држава, соопшти кабинетот на претседателот.

Двајцата соговорници разменија мислења за перспективите на билатералната и на мултилатералната соработка во наредниот период, како и за предизвиците на процесот на интеграција во ЕУ на нашата земја и на Западен Балкан во целина, а во тој контекст беше посочена важноста на регионалната соработка за ЕУ перспективата на регионот.

Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се што Швајцарија е меѓу најважните билатерални донатори во нашата држава, изрази задоволство од швајцарската стратегија за соработка со Македонија 2021-2024 година, која обезбедува стабилна и долгорочна реализација на проектни активности од областите на демократското владеење, одржливиот економски развој, животната средина.

Соговорниците разговараа и за економските билатерални односи, при што беше нагласено дека постојат можности, потенцијали и соодветни капацитети за многу пообемна трговска размена и подобра севкупна економска соработка во иднина. Во тој контекст, се разменија мислења и информации за економската и енергетска криза, предизвикани од војната во Украина, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денес е домаќин на Претседателката на Националниот совет на швајцарскиот парламент, Ирене Келин и со неа имаше кратка тет-а-тет средба и средба во поширок состав, односно швајцарската делегација, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентот на Швајцарската конфедерација, Берат Ајдари, генералната секретарка на Собранието Иванова и други присутни.

Џафери им посака добредојде на почитуваните гости при што го нагласи отворениот, интензивен и пријателски однос помеѓу двете земји, за што го издвои како посебен и придонесот на нашата голема дијаспора која е високо интегрирана во Швајцарија.

Иако Швајцарија не е членка на НАТО и Европската Унија, сепак силно ја подржува Република Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат.
Таа е најголемиот донатор за поддршка на реформите за демократски развој на институциите и економскиот напредок на земјата.

Конкретно, во Собранието се спроведува 10-годишната стратегија од Програмата за поддршка на Парламентот со што ќе се зголеми во голема мера ефикасноста, транспарентноста и отвореноста на законодавниот дом кон јавноста.

Џафери ја информираше претседателката Келин за ставот на Република Македонија во однос на Украина, односно за донесувањето на Декларацијата за осуда на руската агресија во Украина, со придружување кон санкциите од Европската унија и давање морална, материјална и друга помош на Украина во нејзината борба за слобода и демократија.

Претседателката на Националниот совет на швајцарскиот парламент, Ирене Келин, се заблагодари за топлиот прием и изрази задоволство од повторната средба со претседателот Џафери, по нивната заедничка посета на разрушениот Киев. Таа пројави интерес за процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија и упати честитки за постигнатиот напредок при што, повторно ја изрази спремноста на Швајцарија да ја подржи нашата земја во тие напори.

Во однос на Украина, рече претседателката Келин, иако Швајцарија не е членка на НАТО и Европската Унија, ја осудува агресијата и ги подржува санкциите кон Русија, иако поради нејзиниот неутрален статус, таа поддршка се ограничува само на економска и хуманитарна, не и воена помош.

Двајцата соговорници констатираа дека треба да се интензивира комуникацијата на сите фактори кои можат да придонесат во правец на зголемување на трговската размена и швајцарските инвестиции во нашата земја за и економските односи да ги рефлектираат одличните билатерални и мултилатерални односи меѓу двете земји.