Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема нови барања од Бугарија за деблокада на интеграцијата на државата во ЕУ истакнувајќи дека тие барања се уште од 2022 година и оти, како што наведе, чекале три години да ги слушнат цела Европа и светот, како и граѓаните што биле жртви на манипулативната политика на поединци. Останува оптимист и посочува дека разговараното на неговата средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со францускиoт претседател Емануел Макрон сосема се разликува од она што е разговарано на вчерашниот состанок на претседатеката Гордана Силјановска-Давкова со бугарската колешка Илијана Јотова во Софија.

Мицкоски порача дека мора да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, укажувајќи дека на парламентарни избори граѓаните ќе одлучат кого ќе поддржат – оние што ја уништиле Македонија или новиот концепт што го нуди актуелната Влада, која е со став за националните интереси.

– Македонските граѓани мора да знаат дека барањата не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во преамбулата. Не. Тоа е само почетокот. Само ја отвораме Пандорината кутија. Следува акцискиот план, следува работата на историската комисија, следува Протоколот 2, каде што работата на историската комисија е само едно од барањата. Таму имаат можеби петнаесетина нови барања што ние како држава треба да ги исполниме. Така што, нема ништо поинакво тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од она што, за жал, претходната влада го прифати во 2022 година – рече Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.

Тоа, посочи Мицкоски, се барања што ние ги видовме уште во 2022 година и затоа рековме дека сме против.

– Само што чекавме четири години и, да бидам попрецизен, три години за тие барања да ги слушнат цела Европа, светот, но и оние граѓани што, за жал, беа жртви на манипулативната политика на поединци. Ова не се нови барања, ова се истите барања. Да бидам попрецизен, работата на историската комисија не е формална, таа е суштинска. За нив, работата на историската комисија е суштинска. Немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања, кои, за жал, се присутни уште од 2022 година. Не се нови барања – изјави Мицкоски.

Разбирам, дополни премиерот, дека некој има потреба да манипулира затоа што потпишал капитулација, затоа што бил политички неуспешен, затоа што бил национално исплакнат, затоа што бил обременет со криминал и корупција и бил подготвен бел лист хартија да потпише и да прифати сè.

Потенцира дека сè уште е оптимист кога станува збор за разговорот што го имаше со канцеларот Мерц и со францускиот претседател Макрон затоа што, нагласи, тоа што го разговаравме на овој состанок сосема се разликува од она што е разговарано на вчерашниот состанок во Софија.

– Ние мора да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, да не влегуваме во авантура, да не бидеме очајници и давеници, како што тоа го правеше претходната влада, која, за жал, е последниот браник на она што беше прифатено во 2022 година, кои се единствените лојални позиции на актуелната политика на нашиот источен сосед внатре во Македонија. Но, многу бргу, веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, кои нудиме сосема еден нов концепт, кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси – наведе премиерот Христија Мицкоски.