Фото: Маја Јаневска Илиева

Листите на чекање се чисти, имаме пациенти коишто, за жал, веќе не се помеѓу нас и тие треба да се чистат. Вака одговори министерот за здравство Азир Алиу, на новинарско прашање какви злоупотреби се прават со листите на чекање и до каде се постапките за утврдување дека дел од лекарите злоупотребуваат односно бараат мито за да ги оперираат пациентите.

– За листа на чекање, сѐ уште сме во фаза на анализа. Имаме сознанија од пациенти, граѓани, но, не можам ништо да кажам јавно бидејќи не ни се доволно, двапати, чекирани. Има примери кога пациент кој треба пациент да се оперира, се враќа назад бидејќи крвната слика не е доволно добра за да може да се оперира. Пациентот прави крвна слика во друга лабораторија, испаѓа дека сѐ е во ред, но мора да ги анализираме и работиме да ги детектираме таков тип на можни злоупотреби, како тие со листите на чекање. Исто така, листата на чекање се чисти, имаме пациенти коишто за жал веќе не се помеѓу нас и тие треба да се чистат, но, тоа не можеме ние како Министерство, мора заедно со здравствената институција, законски мора фактички тие да ги чистат и ние да одиме со наши вработени физички таму за да може на лице место да се чисти и да се ажурира – истакна министерот.

Тој беше запрашан и тоа, зошто не им се дава на луѓе со траен инвалидитет потврда дека имаат траен инвалидитет.

– Ние направивме работна група помеѓу двете министерства и таа работна група по неколку состаноци, по мое барање да смениме и закон ако треба, нѐ известија дека законот не треба да се смени во оваа фаза, бидејќи тој дава можност за траен инвалидитет. Но ќе треба да се работи повеќе со комисиите за да може комисиите реално да бидат таму каде што има траен инвалидитет и тоа траен инвалидетет да се одобри. Јас пред две-три недели пратив писма до сите комисии за да може да ги анализираат тие пациенти кои навистина имаат траен инвалидитет да не треба да се појавуваат, туку да имаат решение за траен инвалидитет. По нашите првични анализи, некаде еден 1,4 милиони денари државата троши дополнителни средства заради тоа што непотребно се враќаат пациентите коишто треба да имаат траен инвалидитет, а се враќаат во здравствениот систем, што ни создава дополнителни финасисски трошоци – нагласи тој.

Притоа подвлече дека ќе има средба со сите комисии.

– Ќе анализираме, таму каде што има можности законски, бидејќи тие на крајот од денот се професионалци. На крајот од денот тие треба да се потпишуваат и да даваат решение за траен инвалидитет. Но, како и да е, некои пациенти имаат очигледно проблеми со здравјето кое што очигледно не може да се подобрува, на пример, ако нема нога, не може да нема траен инвалидитет бидејќи ногата е орган што не расте. Ќе наложам сите комисии да мора да работат според јасно дефинираните правила. Ако не се јасно дефинирани, тогаш ќе направиме законски измени – одговори министерот.