Меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“ ќе се одржи в петок во „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 18 часот, а во организација на Францускиот институт.

„Ноќта на идеите“ е традиционален настан, којшто се организира под покровителство на француското Министерство за надворешни работи и мрежата на Француски институти ширум светот, а годинава главната тема се климатските промени и нејзините последици врз животот на луѓето и биодиверзитетот.

Учесници на дебатата ќе бидат Рош Домерего (специјалист за апитерапија и автор на бројни дела, со излагање на тема: „Пчелите, чувари на живиот свет“), Силвана Манасиевска Симиќ (професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со излагање на тема: „Влијание на климатските промени врз биодиверзитетот и земјоделството“) и Татјана Миткова (професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со излагање на тема: „Климатски промени – која е улогата на почвата?“).

Модератор на настанот ќе биде Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје, а за истиот ќе има обезбедено симултан превод.