Марта Тома Хал која е во брак со милијардерот Дејвид Хал, летоска донираше 470 долари за претседателската кампања на Берни Сандерс. Тоа беше единствената донација од милијардер за сенаторот од Вермонт, според податоците до кои дојде „Форбс“. Еден ден откако познатиот финансиски магазин извести за донацијата, тимот што ја води кампањата на Сандерс ја врати донацијата, според податоците на надлежните служби.

Отстуството на поддршка од милијардерите претставува дел од кампањата на Сандерс.

– Ме прави горд што сум единствениот кандидат без донации од милијардери – кажа Сандерс за време на дебатата на Демократската партија во декември, посочувајќи оти Џо Бајден има донации од четириесет и четворица милијардери. 

Нема причина да се верува дека 470-те долари на Хал би имале влијание врз Сандерс, бидејќи нејзините донации не се поврзани со одредена стратегија, како на пример оние на Џорџ Сорос или на Шелдон Аделсон. Таа претпочита да дава донации помали од 100 долари, кога, на пример, ќе слушне изјава што и се допаѓа, од страна на некој од кандидатите. На тој, начин пари добија и кампањите на Камала Херис и на Бето О’Рурк.

Сопругата на милијардерот не гледа смисол во одлуката на Сандерс за враќање на парите, опишувајќи ја како „разочарувачка и безмислена“.