Канадски милијардер презема удел во „Астон Мартин“

Канадскиот милијардер Лоренс Строл, сопственик на тимот „Рејсинг Поинт Формула 1“ ќе преземе околу 20 отсто од уделот во „Астон Мартин“ за речиси 200 милиони фунти (263 милиони американски долари).
Британскиот производител на автомобили, кој инаку се наоѓа во длабока криза, се обидува да собере средства за да ги подобри лошите деловни резултати предизвикани од послабата продажба на возила од очекуваното.
Компанијата планира да собере вкупно 550 милиони фунти, така што ќе им понуди на постојните главни акционери да купат дополнителни акции со право на глас.
Строл ќе се придружи на одборот на директори на „Астон Мартин“ како извршен претседател. На таа функција ќе го замени Пени Хјуз, кој ќе поднесе оставка, соопштено е од компанијата.

Дојче банк во минус од 5,3 милијарди евра

Дојче банк објави целогодишна нето-загуба од 5,3 милијарди евра, во рамките на проектот на трансформација. Според анкетата на „Ројтерс“, аналитичарите очекувале загуба од 5,1 милијарди евра за една година, додека нето-загубата во четвртото тримесечје изнесувала 1,5 милијарда евра.
Германската банка во јули минатата година најави дека ќе се повлече од своите операции на глобална продажба и тргување со акциите, ќе ја намали инвестициската банкарска област и ќе скрати 18.000 работни места во обид до 2022 година да ја намали приспособената база на трошоци.