Во владина процедура влегува законот за прекршоци кој предвидува намалување на казните од 75 до 150 проценти, најавија денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев и мнинистерката за правда Рената Тренеска Десковска.

-Со новото решение минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната ќе биде 250 евра наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица при одредување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходни санкционирања за исти или слични прекршоци. Во законот првпат се прави градација меѓу малите, средните и големите претпријатија. За малите глобата ќе биде од 50 до 2.000 евра за разлика од претходниот Закон каде изнесува 5.000 евра. За средните и големите претпријатија минимална изречена глоба ќе плаќаат глоба од 250, а максималната 10.000 евра, истакна премиерот Заев и додаде дека со новиот закон трговец поединец ќе се третира согласно законот за трговски лица односно како физичко лице.

Повисоки глоби ќе може да се изрекуваат за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, прекршоци од областа на заштите на здравјето на луѓето, на заштита на природата, животната средина,.. со ова, како што рече премиерот, се прави јасна дистинкција што е важно, а што е човечно во делот на прекрочната постапка.

Според Заев, глобите се пропорционални на тежината на прекршокот, а казната за прекршок не треба да го отежни животот на граѓаните туку, како што рече, да доведе до кореција на нивното однесување.

Министерката Рената Тренеска Десковска рече дека со новиот закон акцентот се става на опомената.

Намалување на максималната глоба ќе има и за санкционирани нерегистрирани возила повеќе од 30 дена која ќе изнесува 250 евра намсето досегашната 500 евра, за технички неисправно возило 250 евра наместо досегашните 400 и предизвикување бучава ќе се казнува со 250 евра наместо досегашните 450 евра, информираше Тренеска Десковска.

-Станува збор за закон што практично ќе значи решавање на проблемите на граѓаните заради драконските казни со кои се соочуваат и на претпријатијата кои честопати беа непотребно казнувани со превисоки казни и значеа и затворање на некои фирми заради висината на казната, рече Дескоска-Тренеска.

Извршната директорка во Стопанската комора на Македонија Билјана Пеева-Ѓуриќ рече дека Комората од име на бизнис-заедницата до Министерството за правда укажале на потребата на стопанствениците во делот за ревидирање на системот за прекршочни санкции и заедно со повеќе стопанственици биле вклучени во сите подготовки на законот со работната група, за самите да ги слушнат барањата и конкретните проблеми со кои се соочува бизнис-заедницата.