Министерството за здравство реагира на соопштението од Конфедерацијата на синдикатите, во кое се тврди дека мерките што ги предлага Комисијата за заразни болести се присилна вакцинација.

„Вработените што ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние што имаат здравствени проблеми поради кои не може да се вакцинираат, тоа не се присилени да го направат“, се наведува во реакцијата од Министерството.

Од таму нагласуваат дека мерките што се предлагаат се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот, како Словенија, Хрватска и Грција, каде што тие одамна се во сила.

„Во услови кога се заканува нов силен ковид-бран, должност на Министерството и на Комисијата е да предлагаат соодветни мерки, кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот така и за подигање на процентот на имунизирано население.

Протести или други форми на изразување незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки што доаѓаат од светските здравствени институции“, се порачува во соопштението.

Од Министерството воедно апелираат на одговорност на сите граѓани и фактори во општеството со цел заеднички да се надминат сите предизвици предизвикани од пандемијата.

„Бараме поддршка за мерките што се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем, кој трпи огромен притисок, пред сѐ, од лица што не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување“, велат здраствените власти.