Вицепремерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, ги предаде во употреба респираторите кои како донација ги обезбеди Кралството Норвешка.

Османи појасни дека се работи за 20 респираторни машини, кои се реализирани преку претставништвото на УНОПС во земјава, а се по потекло од Турција.

Десет од донираните 20 респиратори ќе бидат ставени на располагање на ГОБ „8 Септември“ во Скопје, а останатите 10 ќе бидат распределени по здравствените установи во земјава, односно во Клиничките болници во Тетово, Битола и Штип, каде ќе се испратат по две респираторни машини и по еден апарат во Општите болници во Струга, Охрид, Прилеп и Струмица.

Вицепремиерот нагласи дека оваа опрема дури и кога целосно ќе мине заканата од ковид-19, во значаен дел ќе го подобри здравствениот систем и потенцијалот на здравството за справување со тековните предизвици.