Потребна е целосна анализа за смртноста од ковид-19 во државата, смета проф. д-р Никола Пановски/ Фото: Приватна архива

Откако го детектираа во регионот

Делта плус сојот на коронавирусот кој е детектиран во околу 30 држави во светот, а пред неколку дена беше откриен и во Хрватска, може да се очекува и во Македонија, коментираат научниците. Засега, се смета дека овој сој на САРС-КоВ-2 вирусот е за 10 проценти позаразен од делта-сојот, а научниците истражуваат дали дава потешка клиничка слика.

Од Министерство за здравство велат дека до сега кај нас не е детектиран овој сој на вирусот.

– Штом го има во регионот ќе стаса и кај нас, ако го нема веќе. Прашање на време е кога ќе биде детектиран – вели проф. д-р Никола Пановски, микробиолог.

Првиот случај на заразен со оваа мутација на коронавирусот во Хрватска бил откриен пред неколку дена. Српските медиуми објавија дека анализата на 30 примероци на Институтот за микробиологија и имунологија при Медицинскиот факултет во Белград во последните две недели не докажале присуство на делта плус сојот, но со оглед на тоа што има многу заразени, како што вели Александра Кнежевиќ од овој институт, може да се очекува овој вирус наскоро да се детектира и таму.

Фото: Pixabay

Што е делта плус?

Новата варијанта на делта-сојот на коронавирусот, наречена делта плус, односно
„AY.4.2“, најмногу се шири во Велика Британија. Засега официјално не се идентификува како варијанта која предизвикува особена загриженост, но Британската агенција за здравствена сигурност минатата недела ја обележа како варијатна која се истражува. Причината за тоа е фактот што изгледа како да се шири брзо, односно да е позаразен сој. Научниците кометираат дека ако се потврди дека делта плус заразува повеќе од делта сојот, за 10 проценти колку што досега е регистрирано, тоа ќе биде непријатна вест, со оглед на фактот што самиот делта сој е многу заразен.

Во Велика Британија, но и во источноевропските земји регистрирани се повеќе од 15.000 случаи на заразени со делта плус сојот.

Инаку, засега нема показатели дека овој сој е поопасен за вакцинираните или за прележаните, како што нема докази ниту дека предизвикува потешка клиничка слика.

Професор Франсоа Балу, директор на Институтот за генетика при Универзитетскиот колеџ во Лондон на Твитер ја објасни состојбата во Велика Британија и истакна дека иако кај делта плус сојот се бележи зголемување на заразноста за околу 10 проценти, оваа варијанта на коронавирусот не го објаснува се поголемиот број на позитивни случаи. Или, со други зборови, главната причина за наглиот пораст на бројот на новозаразени во последно време не се должи на ширењето на делта плус сојот, туку на враќањето на децата и возрасните во затворени простории, училишта, кафулиња, ресторани, кина, на работните места…

Коронавирусот брзо мутира

Од почетокот на пандемијата со мутација настанале илјадници варијанти на САРС-КоВ-2. Тоа, објаснуваат научниците, не изненадува зашто вирусите, особено оние кои имаат РНК, а не ДНК како генетски код, брзо мутираат. Иако САРС-КоВ-2 мутира побавно од вирусот на грип, тоа се случува доволно брзо за меѓу милионите заразени да може да настанат илјадници нови варијанти.