Светската здравствена организација денеска соопшти дека основала центар за обука во Јужна Кореја за земјите со низок и среден приход кои сакаат да произведуваат свои вакцини и лекови против коронавирус.

Новиот центар за обука е основан откако агенцијата на ОН формираше центар за трансфер на технологија во Кејп Таун минатата година за пренос на знаење во сиромашните и средните земји за производство на вакцини против ковид-19 врз основа на технологијата мРНА.

Новиот центар во предградието на Сеул ќе едуцира експерти од оние земји кои сакаат да произведуваат свои вакцини, инсулин и моноклонални антитела, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Центарот во Јужна Кореја веќе спроведува обука за компании со седиште во земјата, а сега ќе прима и експерти од други земји.

СЗО, исто така, објави дека уште пет земји – Бангладеш, Индонезија, Пакистан, Србија и Виетнам – ќе добијат поддршка од центарот за трансфер на мРНА технологија од Јужна Африка.

Минатата недела, шест африкански земји, Египет, Кенија, Нигерија, Сенегал, Јужноафриканската Република и Тунис, први до Африка потпишаа договор за пренос на технологија за производство на мРНА вакцини според меѓународните стандарди.

Тедрос рече дека 20 земји досега изразиле интерес за обука за производство на мРНА вакцини во Јужноафриканската Република.