Се согласивме да работиме заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Македонија, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата со неговиот романски колега Николае Чиука за време на официјалната посета на Романија, јави дописничката на МИА од Атина.

Западен Балкан била една од темите за кои разговарале двајцата премиери, кои изразија силна поддршка за европската перспектива на регионот.

– Имавме можност да разговараме за случувањата на Западен Балкан. Апсолутно се согласуваме дека местото на Западен Балкан, на сите држави од Западен Балкан е во Европа и можеме да работиме заедно за да го олесниме овој тек. Се согласивме да работиме заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Северна Македонија – порача Мицотакис.

Романскиот премиер Чиука пак соопшти дека во однос на проширувањето на Европската Унија, констатирале дека Романија и Грција остануваат активни поддржувачи на овој процес, кој мора да напредува врз основа на заслугите на земјите кандидати.

– Нашите ставови се поклопуваат, проширувањето е геостратешка инвестиција во стабилноста и просперитетот на целиот европски континент – истакна романскиот премиер.

Чиука и Мицотакис, разговараа и за низа други теми, како ситуацијата во Украина, но и прашања од заемен интерес, а потпишаа и заедничка декларација за дополнително унапредување на билатералната економска и политичка соработка Романија – Грција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска е во прва официјална посета на Романија, а освен со неговиот романски колега Николае Чиука се сретна и со претседателот на Романија Клаус Јоханис.