Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, при што му ја изрази поддршката на Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината прес-служба.

Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски порача дека Македонија ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

– Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право – се додава во соопштението.

Ковачевски на Шмигаљ му пренел дека Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

– Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки – се нагласува во соопштението.