Државниот обвинител на американската сојузна држава Мисури, Ерик Шмит му предаде на Окружниот суд обвинение против Кина, за која велат дека е виновна за пандемијата на коронавирус, а се бара и надомест за штетата поради големиот број на жртви, маката на луѓето и економската загуба, пренесува „Фокс њуз“.

– Кинеската влада свесно го лажеше светот за опасноста и начинот на ширење на заразата на ковид-19, ги замолчуваше оние што предупредуваа и ништо не направи да го спречи ширењето на епидемијата, поради што мора да одговара пред судот – се наведува во обвинението.

Ова обвинение во Мисури следува откако седум приватни групи ја тужеа Кина пред федералните судови, а во една од нив, која била поднесена на Флорида, се наведува дека Кина знаела оти ковид-19 е опасен вирус и дека може да предизвика пандемија, но сепак реагирала многу благо и ги прикрила податоците поради својот економски интерес.

Во понеделникот 22 члена на Конгресот од Републиканската партија побараа од владата на Кина да и суди Меѓународниот суд на правдата, поради тоа што не одговорила на соодветен начин на епидемијата.