Германската канцеларка, Ангела Меркел, ги повика Германците да не го загрозат тоа што досега го постигнаа на планот на забавување на заразата со коронавирус, со својата желба и брзањето што побрзо да се вратат во нормала.

– Коронавирусот останува опасност за секој од нас – порача таа зборувајќи пред долниот дом на германскиот парламент.

Германците уште некое време ќе живеат со коронавирусот со оглед дека сè уште не постои лек или вакцина, нагласи Меркел.

– Би било обесхрабрувачки ако мораме да се вратиме на рестрикциите кои сакаме да ги оставиме зад себе – предупредила германската канцеларка.

Таа им порача на Германците да се вратат во канцелариите, училиштата, кафулињата и спортските клубови, да држат физичка дистанца и да ги почитуваат хигиенските мерки. Тогаш ќе има можност за заздравување на економијата и да се спасат работните места, а луѓето ќе бидат заштитени, додала таа.

Претходно министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, најави од сабота целосно отворање на германските граници.

Продавниците, училиштата и фабриките почнаа со работа, а оваа недела ќе бидат отвoрени и некои од границите. На сила и натаму остануваат мерките за физичка достанца од 1,5 метри во јавниот простор, како и носење на заштитни маски за лице во јавниот превоз и во продавниците.

Германија има 171.306 потврдени случаи на коронавирус, објави институтот „Роберт Кох“, а починале 7.634 луѓе.