Исланд е првата европска земја што воведе сертификати за вакцинација против Ковид-19 за своите граѓани и првата земја што дозволува влез без ограничувања за оние граѓани на земјите членки на ЕУ и Шенген зоната кои имаат доказ дека примиле вакцина против коронавирус.

Сепак, слободниот влез нема да важи за сите вакцинирани патници, туку само за оние кои примиле една од вакцините одобрени за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА) или од Светската здравствена организација (СЗО).

Според здравствената управа на исландската влада, само посетителите со сертификати за вакцинација што ги исполнуваат критериумите на главниот исландски епидемиолог, ќе бидат ослободени од задолжителното тестирање на Ковид-19 и од карантин на граничните премини, според веб-страницата schengenvisainfo.com.

Како што се додава, во случај посетителот на границата да нема валиден сертификат, тој ќе биде тестиран на Ковид-19 и ќе треба да биде ставен во карантин, како и другите патници кои немаат доказ за вакцинација.

За да биде валиден документот, тој мора да биде напишан на исландски, дански, норвешки, шведски, англиски или француски јазик. Документите на други јазици ќе бидат прифатени само доколку се преведени на еден од овие јазици со печат на судски преведувач.

Сертификатот треба да содржи име на лицето, датум на раѓање, националност, број на пасош, име на вакцина, датум на вакцинација, име на производителот и сериски број на вакцината и информации за органот што го издава сертификатот (клинички или административен надзорен центар) со печат на Меѓународниот сертификат за вакцинација, информации за вакцините одобрени од ЕМА – името на вакцината, кој ја одобрил вакцината или името на производителот, бројот на примени дози и во кој интервал биле дадени.