Планот на Европската Унија (ЕУ) со кој треба да им овозможи на вакцинираните против ковид-19 да патуваат со воведувањето на т.н. „дигитални зелени сертификати“, односно ковид-пасоши, ќе им ги препушти клучните одлуки на земјите-членки, вклучувајќи ја и онаа дали да ги признаат руските и кинеските вакцини, објавува „Политико“.

Според нацрт-верзијата на планот до која дојде „Политико“, Европската комисија ќе предложи задолжително прифаќање на потврдите на вакцинација од страна на земјите во ЕУ кои ќе ги укинат рестрикциите за патување за вакцинираните против ковид-19.

Но, во планот се додава дека таквата обврска ќе важи само за вакцините одобрени од ЕУ, што значи дека руската „Спутник“ и кинеската „Синофарм“ нема да бидат опфатени со него, наспроти тоа што дел од земјите во ЕУ ги користат во процесот на имунизација, како што е, на пример, случајот со Унгарија. Сепак, се наведува дека членките на Унијата ќе можат сами да одлучат дали ќе ги признаат кинеските и руските вакцини. Токму затоа и се поставува прашањето дали ковид-пасошите ќе овозможат одредена дискриминација на вакцините што ЕУ не ги признава.

– Ова не треба да ги спречи земјите-членки од одлуката за прифаќање на сертификатите за вакцинација со други вакцини против ковид-19 – се наведува во нацрт-верзијата.

Ваквиот план ја покажува деликатноста на прашањето и ограничените можмости на ЕУ, чие водство се обидува истовремено да координира со различните режими за вакцинација, да ги овозможи патувањата, како и отворањето на економијата, додека се справува и со предупредувањата за статусот на руските и кинеските вакцини. Планот исто така поттикна загриженост за дискриминација на невакцинираните лица. Токму затоа беше предложено во ковид-пасошите да бидат опфатени и оние кои го прележале вирусот, како и патниците со негативни тестови.

Во предлогот се наведува дека носителите на ковид-пасоши можат и натаму да се соочат со карантин или тестирање, како и да им биде оневозможен влез во одредена држава, но и дека националните власти треба да ги известат другите земји-членки и Европската комисија во пресрет на воведувањето на таквите рестрикции.

Европската комисија денеска треба да го претстави планот за ковид-пасошите.