Бројот на нови случаи на зараза од коронавирусот повторно се зголемува. Ние сме во третиот бран на пандемијата, рече германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, на денешната прес-конференција.

Потпретседателот на Институтот „Роберт Кох“, Ларс Шаад, исто така истакна дека земјата е погодена од сè поголем број нови инфекции, особено кај оние под 50 години.

Властите додадоа дека позаразниот британски вид коронавирус претставува три четвртини од позитивните случаи во Германија, пишува ЗДФ.

– Излезот од пандемијата е вакцинирање. Седум милиони жители ја примија првата доза – рече Шпан залагајќи се за продолжување на имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“.

„Сè уште нема доволно вакцини во Европа за да се запре третиот бран“, додаде тој.

Германија во четвртокот го потврди најголемото зголемување на новозаразени во последните два месеца. Потврдени се вкупно 17.504 нови случаи, што е најголем дневен раст од 2 јануари, објави во четвртокот Институтот „Роберт Кох“.

Во изминатите 24 часа е потврден бројот на 227 смртни случаи, при што 74.132 лица починаа од почетокот на пандемијата, а бројот на заразени во Германија досега е 2.612.268.