Претставниците на германската федерална и покраинските влади се согласиле да ги продолжат тековните строги мерки на заклучување до 7 март, со некои отстапки, како отворање на фризерските салони од почетокот на следниот месец.

– Ситуацијата со инциденцата е подобрена од последниот состанок. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните за однесувањето со кое придонесоа за подобрување на состојбата. Но, ние сакаме дополнително да ја намалиме инциденцата и затоа ги продолжуваме тековните мерки – рече вечерва германската канцеларка Ангела Меркел по видеоконференцијата со премиерите на сојузните покраини.

Таа посочи дека во моментот приоритет е да се спречи ширењето на мутираните соеви на вирусот што се појавија во Германија.

– Понатамошните мерки се поврзани со мутациите на вирусот, чие ширење мора да го спречиме по секоја цена. Многу е важно да го следиме развојот на ширењето на мутираните соеви до средината на март со цел да избегнеме трет бран – рече германската канцеларка.

Во секторот за образование, кој во Германија е под надлежност на сојузните покраини, донесена е одлука локалните власти да го решат ова прашање по сопствена процена.

– Мојата желба беше да почнеме со отворање училишта и градинки од 1 март кога очекуваме стабилен пад на инциденцата под 50. Но, оставивме отворена можност сојузните покраини сами да одлучат за отворање на образовните институции – рече Меркел додавајќи дека федералниот систем е подобар од централистичкиот.

Од 1 март треба да се дозволи работа на фризерските салони со строго почитување на хигиенските мерки и носење маски.

Германската канцеларка истакна дека мерките за ограничување на контактите остануваат во сила. Така, и натаму се дозволени средби на претставници на едно домаќинство со само еден член од друго домаќинство.

– Треба да бидеме претпазливи со отстапките, затоа правилото за сведување на контактите на минимум, што вклучува работа од дома каде што е можно, сепак ќе важи – рече Меркел.

Обврската да се носат медицински маски во продавниците и јавниот превоз исто така останува во сила.

Како следен чекор по отворањето на фризерските салони, Меркел најави релаксација во секторот малопродажба и културни институции, но кога седумдневната инциденца трајно ќе опадне под вредноста од 35.