Од денеска во Австрија повеќе не е во сила повеќемесечниот полициски час, што беше воведен како епидемиолошка мерка во борбата против коронавирусот.

Министерството за здравство издаде указ според кој веќе нема полициски час.

Во Австрија, заклучно со 3 ноември, со исклучок на периодот околу католичкиот Божиќ, во сила беше полицискиот час од 20 до 6 часот наутро.

За време на тој период, граѓаните требаше да останат дома и да излегуваат надвор само ако треба да одат на работа, да купуваат, да им помагаат на другите или да шетаат без придружба на луѓе од друго домаќинство.

Укинувањето на полицискиот час е подготовка за големото олеснување на мерките што ќе следат од среда, кога повторно ќе се отворат гастрономијата, хотелите, културните институции и спортот.

По 35 дена, можноста за зараза со коронавирус е намалена за 80% кај вакцинираните лица против Ковид-19, шансите вакцинирано лице да заврши во болница поради инфекција се намалуваат за 90%, додека стапката на смртност се намалува за 95%, покажува нова студија спроведена во Италија.

Од друга страна шпанската полиција интервенираше за да спречи собир на илјадници луѓе, кои се собраа во центарот на Барселона и на блиската плажа, за време на првиот викенд по укинувањето на ограничувањата поради Ковид-19.

Шпанската влада ја укина шестмесечната вонредна состојба на 9 мај на полноќ, па ова е прв викенд без ограничувања, потсетува агенцијата.

Ограничувачките мерки сè уште се на сила во некои делови на земјата, како на пример во Каталонија, каде што баровите и рестораните се отворени до 23 часот, а максималниот број на луѓе на маса е четири лица.

Турција ќе започне со олеснување на строгите мерки воведени поради коронавирусот во понеделник, дозволувајќи движење во текот на денот, додека полицискиот час ќе остане на сила преку ноќ и за време на викендите, објави денеска Министерството за внатрешни работи на Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот објави дека Турција постепено ќе започне со олеснување на мерките што беа воведени пред две и пол недели и значително ќе ги ублажи во јуни, објави Ројтерс.