Фото: Приватна архива

Колку се реални дневните статистики на новозаразените? Дали вистинската бројка е многу повисока? Ова се само дел од дилемите, поради кои епидемиологот Даниловски смета дека МЗ треба да прекине со дневно соопштување на бројот на новозаразени и да се фокусира на хоспитализирантеи

Крајот на јануари и почетокот на февруари е веројатниот период во кој може да се очекува пикот на новозаразени во овој ковид-бран, во кој доминира омикрон-сојот.
Проценките на проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог, се дека сегашното темпо со околу 2.000 случаи на ден, би достигнало врв токму во овој период. Сепак смета дека бројката на новозаболени во текот на 24 часа нема да биде повисока од 4.500.

Колку нерегистрирани заразени има?

Колку се реални дневните статистики на новозаразените? Дали вистинската бројка (регистрирани и нерегистрирани заразени) е многу повисока? Ова се само дел од дилемите, поради кои епидемиологот Даниловски смета дека Министерството за здравство треба да прекине со соопштување на дневната статистика на нови случаи и да се фокусира на бројката на дневно хоспитализирани. Тоа е многу поважно, отколку да се создава страв со високи бројки на нови случаи, кои, како што смета, и така не се реални.

– Колку и да изгледа драматично растот на бројките, тоа беше за очекување. Ако продолжи сегашново темпо, кое што веќе се намалува, до врвот ќе стигнеме некаде кон крајот на јануари или почетокот на февруари, со не повеќе од 4.000-4.500  регистрирани случаи на дневно ниво. Но тоа е само врв на леден брег. Реалната бројка е многукратно повисока – посочува тој.

Зошто непотребно да се создава психоза на страв?

Освен тоа, според професорот, заради благите симптоми слични на настинка, огромен број граѓани или не обрнуваат внимание на симптомите и се движат слободно или се тестираат со брзи тестови од аптека.
– Прашање е дали сите кои ќе добијат позитивен тест се изолираат доброволно! Прашање е и дали тие со симптоми, што ќе добијат негативен тест, дали навистина се негативни. Околу 50 проценти од овие тестови се лажно-негативни. Имајќи го ова предвид, а кога буквално сите сме подложни на инфекција, произлегува дека нема никаква смисла веќе официјално да се соопштуваат позитивните случаи, кога тој број ни оддалеку не е реален. Зошто непотребно да се создава психоза на страв и вознемиреност кај граѓаните? – вели проф. Даниловски.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Според него, време е да се соопштува само бројот на хоспитализираните, зашто сега е важно да се води сметка болниците да не ни се претрупаат и – секако – бројот на починатите.

– Овој последниов бран сѐ уште се должи на делта. Тој е во опаѓање. Очекувам за недела-две да почнеме да броиме смртни случаи од омикрон, кои дефинитивно ќе бидат помалку – заклучува епидемиологот.

Инаку здравствените власти одлучија да нема дополнителни мерки по новогодишните празници, поради кои бројките на позитивни почнаа нагло да растат.
Комисијата за заразни болести на завчерашниот состанок дискутираше за повеќе предлог мерки, за кои дополнително во наредните денови ќе се донесат одлуки и заклучоци.

Бројот на активни случаи изнесува нешто над 13 илјади позитивни пациенти.

Според статистиката на Министерството за здравство, на 10 јануари од направени 7.724 тестови, регистрирани се 1.964 нови случаи.
На 11 јануари направени се 7.123 тестови, а регистрирани се 1.822 нови случаи.