Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Не се извинуваме за незгодните прашања“, „Ги газите новинарте, го газите слободното општество“, „Без локални медиуми вистината не е целосна“, „Новинарството на удар, ние сме обединети”, „Нема да молчиме”, „Сиромаштија = самоцензура“ се дел од пораките што новинарите и медиумските работници денеска ги испраќаат на протестен марш од пред Владата до Собранието.

Протестот го организираат Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници поради незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедни услови во кои работат новинарите и медиумските работници и лошата социо-економска состојба.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски рече дека законите што се важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите и затоа чувствуваме дека работите тапкаат во место, дури и се влошуваат.

Според него, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен пи-ар ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, а безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.

-Пред сè, носителите на јавни функции и политичарите треба да сфатат дека не смеат да нè игнорираат или потценуваат. Не заради нас, туку заради граѓаните и јавноста која ние ја претставуваме – порача Чадиковски.

Државните институции и нивите директори, рече тој, имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате пи-ар памфлет за објава.

Според претседателот на ЗНМ, новинарството минува низ сериозни трансформации во последниве години кои ги диктираат новите технологии.

-Не молчевме кога се обидуваа да создадат страв, напротив создадоа џин, а тоа сме ние. Да бидеме јасни и да укажеме што бараме. Една од причините е да ја кренеме свеста во каква состојба се наоѓаат новинарите, се помалку кадар, ниски плати. Повеќе од итно е да се донесат решенија за подобрување на состојбата, со кој работодавците ќе добијат квалитет а ние сигурност. Бараме услови а не милостина. Слушајте не нас а не оние кои не напаѓаат – рече председателот на ССНМ, Павле Беловски.

Поддршка на ЗНМ за маршот за одбрана на новинарското достоинство упати „Сејф џурналистс“, мрежата која претставува повеќе од 8 200 медиумски професионалци на Западен Балкан. Во заедничко соопштение поддршка за маршот и честитки за 77-годишнинатата до ЗНМ, кое е членка на оваа мрежа, изразија здруженијата на новинари на Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, како и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

Народниот правобранител изразува поддршка за протестот на медиумските работници,новинарите, снимателите и фоторепортерите ,од причина што точната и навремена инфромација нема алтернатива.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Mарш против омаловажувањето на новинарите