Американската вселенска агенција НАСА ја избра ракетата „Њу глен“ на компанијата „Блу ориџин“ за својата научна мисија на Марс. Ова е првиот меѓупланетарен договор на НАСА, а мисијата се вика „Ескејп енд плазма екселерејшн енд дајнамикс експлорерс“, или скратено Ескападе. Дизајнирана е да ја проучува магнетосферата на Црвената Планета, користејќи две вселенски летала. НАСА планира да го лансира леталото кон крајот на 2024 година, што значи дека нема да треба долго да чекаме за конечно да ја видиме ракетата „Њу глен“ во акција.
Ракетата „Њу глен“ е одговорот на „Блу ориџин“ на ракетата „Фалкон хеви“ на компанијата „Спејс екс“. „Блу ориџин“ првично планираше да го лансира „Њу глен“ во 2020 година, а НАСА го одобри за идни беспилотни научни и истражувачки мисии таа година, но следуваше одложување до 2021 година, а потоа и во 2022 година. На крајот на март минатата година беше кажано дека лансирањето нема да се случи и дека се размислува за нов датум.
НАСА ѝ го додели договорот на „Блу ориџин“ за мисијата Ескападе како дел од програмата ВАДР, која е дизајнирана да го поттикне растот на комерцијалните лансирања во САД. Агенцијата има намера да ги искористи ракетите на програмата за лансирање мали сателити и носивост од класа Д што можат да „толерираат поголем ризик“. Со други зборови, ВАДР-договорите се наменети за мисии со пониска цена.
– Користејќи пониски нивоа на осигурување за мисиите и најдобри комерцијални практики за лансирање ракети, овие флексибилни договори помагаат да се прошири пристапот до вселената преку пониски трошоци за лансирање – се вели во соопштението на НАСА.
Мисијата Ескападе ќе биде лансирана од Кејп Канаверал, Флорида, а патувањето до Црвената Планета ќе трае околу 11 месеци. Потоа ќе бидат потребни уште неколку месеци за леталото да достигне орбита идеална за собирање информации за магнетосферата на Марс. Собраните податоци ќе им помогнат на научниците подобро да ја разберат ситуацијата во вселената, за да можат подобро да ги заштитат астронаутите и сателитите за време на континуираното истражување.