Нападите врз новинарите се намалени во последниве неколку години, но загрижува растечкиот број напади и навреди во онлајн сферата, кои често се граничат и со говор на омраза. Тука мора да споменеме дека особено се загрозени новинарките. Условите за работа, затвореноста на институциите, омаловажувањата од партиски и од владини функционери и нелојалната конкуренција се само некои од проблемите на кои сакаат да укажат новинарите и медиумските работници

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска организираат протест

Денеска во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ќе се организира марш што се движи од македонската влада до Собранието. Според организаторите на настанот, не станува збор за класичен протест, туку за марш. Оваа формулација била одбрана со намера да се нагласи дека новинарите и медиумските работници постојат во македонското општество и проблемите со кои се соочуваат. Организаторите, исто така, посочуваат дека само во последниов месец и половина биле забележани повеќе навреди и понижувања на новинарите, кои доаѓале од политичари или од владини функционери.

Кои се причините поради кои се организира маршот

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, посочува дека маршот на новинарите има цел да го изрази незадоволството од состојбите во медиумската сфера, поради повеќе нешта, кои подолго време се генерираат и ѝ нaнесуваат штета на професијата. Според него, работите тапкаат во место, законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен пиар им ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде. Сепак, мислам дека денес се наоѓаме на точка кога новинарите никогаш не биле пообединети. Особено на овие прашања што веќе ги наведов. Разлики секогаш имало и ќе има, тоа е нормално и добредојдено, но важно е како фела да покажеме капацитет дека и покрај разликите, солидарно треба да дејствуваме и заедно да ги менуваме работите – истакнува Чадиковски.
За проблемите со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, а кои се причина поради кои се организира маршот, Павле Беловски, претседател на ССНМ, посочува повеќе аномалии во општеството. Според него, има ограничување во слободата, која новинарите најмногу ја чувствуваат кога сакаат да дојдат до одредена информација.
– Многупати сме се обиделе да дојдеме дури и до она што ни е законско право, повикувајќи се на Законот за слободен пристап за информации од јавен карактер, но добиваме банални одговори што не му служат на јавниот интерес – вели Беловски.
Тој нагласува дека постои легислатива, но таа не дава резултати и не им помага во работата. Од друга страна, доколку се тргне настрана легислативата, новинарите не се чувствуваат безбедни. Според него, вината е во атмосферата што се создава во општеството, односно медиумските работници се доведени во позиција да може да бидат навредувани, да бидат понижувани. Кон нив може секојдневно да се користи клевета на социјалните медиуми и во живо, да бидат напаѓани. Тоа е рефлексија на неказнивоста. Кога никој не одговара за тоа како некој се однесува кон нас, новинарите и медиумските работници, некој понатаму си зема за слобода да нѐ напаѓа, додава тој.
– Зголемен е бројот на нападнати колешки новинарки и тоа е она што ме загрижува. Тука ќе го потенцирам интернет-просторот, каде што неказнивоста е максимална, нема воопшто одговорност и казнивост. Никој не е санкциониран за закани по живот, навреди, клевета, дискриминација и омаловажување. Имаме голем број примери на кршењето на законите – нагласува Павле Беловски.
Дарко Дуридански, извршен директор на ССНМ, посочува дека новинарите и медиумските работници во Македонија се соочуваат со низа проблеми во текот на своето работење.
– Ние како ССНМ секогаш ги истакнуваме, пред сѐ, социоекономските услови во кои работат медиумските професионалци, а токму тие услови генерално гледано се незавидни. Едноставно, не може да има професионално и објективно новинарство што го брани јавниот интерес без соодветни социоекономски услови и работнички права што се почитуваат во согласност со законите. Секако тука се и безбедносните проблеми, иако нападите врз новинарите се намалени во последниве неколку години, но загрижува растечкиот број на напади и навреди во онлајн сферата, кои често се граничат и со говор на омраза – вели Дарко Дуридански, извршен директор на ССНМ.

Најмалку што ќе правиме е прославување

Маршот се организира по повод 77 години од постоењето на Здружението на новинари на Македонија, но Беловски вели дека најмалку што ќе се прави, тоа е прославување.
– Но не може да кажеме и дека одиме на протест. Едноставно одиме на марш. Оваа формулација ја одбравме затоа што ние мораме да потенцираме одвреме-навреме дека постоиме. Ние ги претставуваме сите групи во општеството, од маргинализирани и оние што имаат незаситна потреба од нас, а тоа се политичарите. Но за нас никој не известува, ние сме зад камерите, ние сме во студијата, ние сме во заднина. Така што одвреме-навреме е корисно да излеземе на улица и да ги потсетиме сите чинители, особено одговорните, а тоа се Владата, Собранието и пратениците што носат закони, тоа се судовите, обвинителството, тоа е МВР. За жал, сите тие забораваат дека од тоа што ние го работиме единствена придобивка имаат граѓаните и демократското општество – вели Беловски. Д.Ст.


Посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека денеска, со почеток во 10.30 часот, поради најавениот новинарски марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР-Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје.
– Маршрутата на движење на новинарскиот марш ќе биде од пред зградата на Владата во правец кон АД „Македонска пошта“ на бул. ВМРО, потоа по бул. ВМРО во правец на ТЦ „Палома бјанка“, лево во правец на бул. 11 Октомври кон зградата на Собранието – информираат од МВР.
Од тие причини, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР-Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот, како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат новинарите. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.