Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува зголемување на цените на горивата поради растот на цената на суровата нафта на светските пазари и зајакнувањето на американскиот долар, но најави дека Владата ќе ги намали акцизите за да го ублажи поскапувањето, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебрца, Мицкоски рече дека сè уште не е направена прецизна пресметка за очекуваното зголемување на цените.

-Немаме направено калкулација за поскапувањето, но сигурно ќе има, бидејќи цените на нафтата и бензините драматично пораснаа во текот на изминатата недела, а и курсот на доларот е малку посилен во однос на претходната недела – изјави премиерот.

Тој потсети дека Владата ја продолжила кризна состојба за уште три месеци и најави дека ќе бидат намалени акцизите и за дизелот и за безоловните горива.

-Со оглед на актуелните цени, сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива – нагласи Мицкоски.

Новите малопродажни цени на горивата, кои ќе важат во наредните седум дена, Регулаторната комисија за енергетика треба да ги објави во понеделник.