Град Скопје испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, откако голем број граѓани побараа лекарска помош поради стомачни тегоби, а постојат сомнежи дека причината е загадена вода од градскиот водовод, пренесе МИА.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека одлуката е донесена со цел на граѓаните да им се обезбеди безбедна вода за пиење додека траат испитувањата и не се надмине целосно состојбата.
-Сите нѐ потресе случајот во Гостивар. Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност. Град Скопје веднаш испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Воедно, како претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), тој ги повика и останатите градоначалници, согласно своите можности, да се вклучат со помош.
-Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами – истакна Ѓорѓиевски.
Тој изрази загриженост за случувањата во Гостивар и побара надлежните институции целосно и транспарентно да ги утврдат причините за инцидентот, а доколку се констатираат неправилности, да има одговорност.
-Град Скопје ќе остане со гостиварчани сè додека трае оваа состојба. Нашата помош и поддршка ќе бидат постојани до нејзиното целосно надминување. Во неволја се познава човечноста – порача Ѓорѓиевски.

































