Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека судството и обвинителството нема да добијат дополнителни буџетски средства сè додека не покажат подобри резултати во испораката на правдата, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебрца, тој рече дека Владата нема да прифати притисоци за зголемување на финансиските средства за правосудниот систем.

-Пари повеќе нема да добијат. Иако се бара во Законот за јавно обвинителство да се предвиди 0,5 проценти од Буџетот, тие средства нема да бидат обезбедени бидејќи не се заслужени. Независноста не се обезбедува со пари, туку со работа и резултати – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека Владата ги исполнила барањата на правосудните институции во делот на вработувањата и зголемената самостојност, но оцени дека очекуваните резултати сè уште изостануваат.

Осврнувајќи се на последниот извештај на Европската комисија за правосудството, премиерот рече дека станува збор за редовен документ кој ги анализира состојбите во земјите членки на ЕУ, како и во дел од земјите кандидати, меѓу кои Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.

Според него, извештајот содржи и позитивни оценки и критики, но посочи дека постои контрадикторност меѓу забелешките дека правосудството не испорачува доволно резултати и препораките за зголемување на неговото финансирање.

-Од една страна се констатира дека судскиот систем не испорачува, а од друга страна се бара Владата да обезбеди повеќе пари. Тие две работи не одат заедно. Прво треба да има резултати, па потоа дополнителни средства – нагласи Мицкоски.

Премиерот порача дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да работат поефикасно.

-Ќе продолжам да испраќам такви пораки сè додека не видиме вистински напредок во испораката на правдата – изјави Мицкоски.