На граничниот премин Табановце – Прешево камионите ги минуваат царинските и полициските контроли за помалку од четири минути, а целиот процес на проверки и пропуштање, заедно со ветеринарните и фитосанитарните инспекции, не трае повеќе од половина час. Ова го кажаа Зоран Јовановски од Стопанската комора на Северна Македонија и претседателот на српската Стопанска комора, Марко Чадеж, на состанокот на Табановце – Прешево, каде што истакнаа дека со „Отворен Балкан“ значително се забрза протокот на стоки.
Тенденцијата на „Отворен Балкан“ е слободен проток, а на Табановце – Прешево и на Ќафасан – Ќафтане ќе има посебни табли и линии за камионите од трите земји-членки на „Отворен Балкан“, Србија, Албанија и Македонија.
– Предноста на „Отворен Балкан“ не е тоа што камионите нема да чекаат долго, туку соработката меѓу трите земји во однос на снабдувањето со храната и нејзината безбедност, снабдувањето со основни животни намирници. Тоа се големи работи, да не размислуваме дали имаме масло, брашно, шеќер или жито, зашто секој од нас нешто има. Ако сме се согласиле дека ќе си помагаме, тоа и да го правиме. Во однос на храната, која навистина е проблем, и цената на пазарот, кој остана без добар дел од количествата што доаѓаа од Русија, Украина, Белорусија, кога е во прашање „Отворен Балкан“ резултатите се гледаат, граѓаните на нашите земји не мора да размислуваат за работи за кои многу земји мора да размислуваат – нагласи Чадеж.
Според Јовановски, охрабрува исклучителната конструктивност на сите што се дел од иницијативата „Отворен „Балкан“, желбата да се соработува и да се најдат конкретни, опипливи решенија.
– Фокусот на „Отворен Балкан“ да се испорачуваат конкретни резултати е она што ја одвојува оваа иницијатива од некои претходни што сме ги имале. Сѐ што е проблем да се идентификува и да се најде решение, тоа е сега фокусот, а сите инволвирани страни се конструктивни – потенцира Јовановски.
Економските тимови на српската и македонската стопанска комора, предводени од Чадеж и Јовановски, на работниот состанок разговарале како можат да помогнат за дополнително да го намалат времето на чекање на Табановце.
– Разговаравме како можеме да помогнеме, да донесеме контејнери кога е во прашање фитосанитарната и ветеринарната служба, да видиме како да го прошириме протокот, размената на информации, зашто доаѓа до забавување на системот кога е голема фреквенцијата. Тоа е од интерес за двете земји, зашто заштедува пари – информира Чадеж
Според податоците на коморите, Табановце – Прешево е најбрз премин по проток на стоки од сите меѓу трите земји. Дневно поминуваат околу 600 камиони, а лани вкупната бројка била 22.000 камиони.