Фото: Игор Бансколиев

Каков е трендот пред грејната сезона за цената на огревното дрво

Добар дел од семејствата ги набавија потребните количества дрва. На складиштата има доволни количества дрва, а истата состојба е и во другите земји од регионот. Во Србија, од каде што доаѓа добар дел од дрвата за огрев, цената е стабилизирана и е пониска во однос на минатата година, велат познавачите на пазарот на енергенти

Лекот за затоплувањето во зимскиот период мнозинството од граѓаните го најдоа во огревното дрво. Тоа би требало да биде ефикасно за затоплување, поевтино за купување, калорично и долготрајно и веројатно со одреден задоволувачки степен на заштита на природната средина. Затоа, голем дел од граѓаните веќе си ги задоволија своите резерви на огревно дрво, исто како и „домашната аптеки со лекови и антибиотици“, велат нашите соговорници. Но сепак, пазарот, односно понудата и побарувачката за овој енергент си го прават своето.

Побарувачката на дрва пред почетокот на грејната сезона се зголемува, а со тоа расте и притисокот за зголемување на цената за овој енергент. Граѓаните што досега не успеале да ги дополнат резервите со огревно дрво за претстојната сезона, ќе мора да издвојат од 4.500 до 5.400 денари за кубен метар. Оваа цена е повисока од пред еден месец кога дрвото на приватните складиштата во Скопје се продаваше од 4.900 денари, со пресметани трошоци за превоз во растојание до пет километри. По складиштата за огревно дрво има доволни количества, но како ќе се движи цената до почетокот на грејната сезона е неизвесно. На складиштата во скопската населба Кисела Вода, цената е 5.200 денари за кубен метар даб и 5.100 денари за буково дрво заедно со сечењето. Ако се купуваат под пет кубни метри цената е 5.400 денари. За превозот за помали количества се доплаќаат 200 денари.

Поучени од минатогодишното искуство, кога се јави недостиг од огревно дрво за домаќинствата, повеќето граѓани набавките ги направија по пониски цени во текот на летото. Преку пензионерските здруженија беше спроведено организирано снабдување по пониски цени, кои беа определени од ЈП Национални шуми. Во складиштата на јавното претпријатие годинава кубен метар даб и багрем се продава по цена од 3.564 денари, буката по 3.444 денари, а јавор, јасен и брест по 3.243 денари.

– По завршувањето на грејната сезона во април годинава почнав да уплатувам месечно во здружението за пензионери. Плаќав различна сума, колку можев во текот на шест месеци. Со последната рата ја доплатив разликата, а следните два-три дена дрвата ми ги истоварија во дворот. Тоа е олеснување за нас пензионерите, кои имаме пониски приходи. Цената за кубик беше околу 3.500 денари за буково дрво. Задоволен сум од квалитетот на дрвата. Сега можеме поспокојно да ја поминеме зимата – ни изјави еден пензионер од Скопје.

На складиштата во овој период од годината има доволно огревно дрво и испораките можат да се направат во текот на денот. Медиумите ја пренесуваат информацијата што се шири на социјалните мрежи дека цената на огревното дрво ќе расте и наесен ќе достигне цена повисока од 100 евра за кубик!
– Засега има доволни количества што се олесни со зголемената продажба на пелети, кои ги има годинава. Дали ќе има зголемување на цената не можеме да кажеме бидејќи сè зависи од Владата – вели сопственик на складиште.

Во Македонија со дрво се греат 49 отсто од домаќинствата во земјава. Вообичаено за греење од шест месеци просечно семејство троши од пет до седум кубни метри, во зависност од зимата. Тоа значи дека за огрев на дрво граѓаните ќе треба да издвојат до 35.000 денари. Повеќе семејства поради минатогодишната криза и недостигот од дрва се преориентираа на други извори на затоплување, како што се печките на пелети или на други грејни тела како што се инвертерите. Затоа, добрите познавачи на енергетската проблематика не веруваат дека може да дојде до повисок пораст на цените на дрвата, кои секако би зависеле и од цената на електричната енергија во наредниот период.

– Добар дел од семејствата ги набавија потребните количества дрва. На складиштата има доволни количества дрва, а истата состојба е и во другите земји од регионот. Во Србија, од каде што доаѓа добар дел од дрвата за огрев, цената е стабилизирана и е пониска во однос на минатата година. Зимата минатата година беше потопла и остана доволно резерви за годинава. Не очекувам поголем ценовен притисок за дрвата, освен што некои трговци ќе се обидат да ја искористат можноста за да заработат добро од повисоките цени – вели нашиот соговорник.

За споредба, продажната вредност на огревното дрво во Србија е многу пониска во однос на минатогодишната цена, кога достигна до сто евра за еден кубик. Во зависност од квалитетот и видот на дрвата во внатрешноста на земјата, кубик се продава од 7.500 до 8.000 динари. Според сегашниот курс на динарот во однос на еврото, кубик дрва кај нашиот северен сосед се продава за 67 евра.

Лани во ноември Владата реагираше кога цената на огревното дрво наеднаш скокна за 2.000 денари и достигна 5.300 денари за кубен метар. Таа ја ограничи цената до 4.500 денари за просторен метар, односно до 6.429 денари за кубен метар. Највисоката цена на пелетите за огрев беше утврдена до 27 денари за еден килограм. Во цената беа вклучени ДДВ и транспортот. Мерката траеше до 31 декември 2022 година. Слична алтернатива за огревното дрво се т.н. брикети, кои имаат дури од три до четири пати поголема калорична моќ од огревното дрво, при што три кубици огревно дрво може да се заменат со еден тон брикети. Брикетите се исто така присутни во овој период на пазарот за огрев, па граѓаните сѐ уште може да избираат. М.Ј.