Фото: Игор Бансколиев

Почна со реализација новата реформа во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ)

Со новата реформска мерка, пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на клиника за да им се продолжи или да им се пропише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар

Почна да функционира првата од низата најавени реформи во примарното здравство, со која матичните лекари може да пропишуваат лекови за регулирање притисок и шеќер во крвта, за проблеми со тироидната жлезда, за белодробни болести и астма, а за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист. Како потврда на ова, министерот за здравство Фатмир Меџити вчера соопшти дека над илјада рецепти за хронична терапија, само за еден ден пропишале матичните лекари со новата реформа во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ).

Тој вчера ја посети поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, каде што разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во ПЗЗ. Притоа, министерот го посети и интерниот оддел на поликлиниката, каде што најмногу се гледаат предностите од новата реформа. Со пациентите, тој поразговара околу овие новитети и околу тоа колку тие се задоволни од нив.

– Процесот на работа со пациентите на кои им се пропишува хронична терапија воопшто не е сложен, јасните насоки напишани во клиничките патеки им ја олеснуваат работата на матичните лекари, така што имаме одличен почеток на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од „Мој термин“, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле пропишани 1.073 лека. Со оваа реформска мерка, со која овозможивме терапијата што ја пропишуваа специјалисти, сега да ја пропишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници – истакна министерот.

Тој потсети дека со новата реформска мерка, пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на клиника за да им се продолжи или да им се пропише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар.

Како што претходно беше најавено, со ваквите нови мерки ќе се растовари метежот во Клиничкиот центар и ќе им се овозможи на професионалците во секундарно, а особено во терциерното здравство да се посветат на својата работа, но и на научната работа.
Д-р Злате Мехмедовиќ, кој е координатор на проектот за реформи во примарното здравство, најави дека најдоцна за еден месец матичните лекари ќе може да ги даваат и упатите за лабораториски анализи за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист, а ќе се разговара и за закажување кај матичен преку „Мој термин“.
– Ова е процес што ќе трае три години. Ништо нема да се случи прекуноќ и за сè е разговарано со матичните лекари. Гледате дека почетокот оди етапно, не ги дадовме сите реформи да се аплицираат уште од првиот ден кога ги најавивме на брифингот.

Оставивме простор да се развие дискусија. Почнуваат да се пропишуваат рецептите, за кратко време ќе почнат да се даваат упатите, тоа ќе биде најмногу за еден месец.

Една од работите за кои ќе се разговара до крајот на годината е можноста за закажување преку „Мој термин“. Ќе се разговара и за нови протоколи за проширување на изборот на лекови и за нови лекови на позитивната листа – рече Мехмедовиќ.
Протоколите за лекување, кои треба да ги следат матичните лекари, се веќе објавени во „Службен весник“. Досегашните анализи на Министерството за здравство покажале дека речиси 30 отсто од пациентите што го посетуваат Клиничкиот центар доаѓаат за продолжување на терапијата или за услуги што со оваа реформа ќе може да ги добијат кај матичните лекари. Р.Н.М.