Јаков Попоски, дел од тимот на „Дрим шорт“

Седмото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“, кој оваа година се одржа од 14 до 17 август во Струга, под мотото „Неопходна убавина“, според организаторите, е само еден од многуте културни блесоци што денес ни недостигаат.

Што ви беше важно годинава да влезе во програмата на „Дрим шорт“?
– Како филмски фестивал што има намера да расте и да се развива, важно ни беше да имаме квалитетна селекција на филмови што циркулираат низ најважните европски и светски фестивали, а истовремено да го задржиме принципот на промоција и давање простор на македонските филмови и автори. Концептот како е организирана програмата е стабилен веќе неколку изданија, со четири натпреварувачки програми, специјална македонска програма и гостински програми од реномирани фестивали со кои соработуваме. Четирите натпреварувачки програми се интернационална, регионална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, која ја работиме во соработка со нашите партнери „Форум ЗФД“ – Скопје.

Водечка мисла на фестивалот е „Неопходна убавина“. Колку ни е неопходен филмот денес?
– Иако размислуваме глобално и од својата втора година станавме интернационален фестивал, на кој продефилираа извонредни и наградувани филмови, како и многу режисери и соработници од целиот свет, сепак нашата идеја е да дејствуваме локално. Чувствуваме дека нашиот град Струга има недостиг од убавина, основна, примарна, обична убавина, која во нормални општества се манифестира преку култура. Тоа значи продукција и репродукција на уметност. Со нашиот фестивал сакаме да бидеме уште една силна искра, која ќе предизвика лавина од културни манифестации и настани. Културата е примарниот пат што може да го прероди нашето општество и да го стави на вистинскиот колосек. „Дрим шорт“ е неопходна убавина, а неопходна убавина ни е потребна во изобилство.

Каква селекција направивте годинава?
– Селекцијата како и на минатите пет изданија ја направи нашиот драг соработник, колега и пријател, режисерот Иван Бакрач, кој секогаш е темелен и прецизен во своите критериуми, земајќи ги предвид најпрво стилот и карактерот на нашиот фестивал, а потоа секако и релевантноста на филмовите, односно нивниот „живот“ по најзначајните европски фестивали. Дополнително селекцијата ни ја „отежна“ и големиот број филмови што оваа година пристигнаа преку платформата „Филм фривеј“. За нас како организатори е навистина важно што филмските уметници веќе почнаа да нѐ препознаваат како значаен фестивал во регионот.

Иранскиот режисер Али Ашгари одржа онлајн мастерклас, на што беше фокусиран?
– Еден од најважните моменти во годинешната програма, секако, беше мастеркласот на реномираниот и наградуван режисер и сценарист Али Ашгари, моментално водечко име на иранската кинематографија. Неговите филмови, успесите и влијанието што го имаат врз светската кинематографија, само дополнително нѐ прават горди што оваа година Али Ашгари зборуваше пред нашата професионална публика. За жал, никогаш замислите и соништата не се остваруваат докрај. По премиерата на неговиот последен филм во Кан, Ашгари веројатно ја предизвика ригидноста на авторитарниот ирански режим, па моментално има забрана да ја напушти својата држава. Поради тоа, мастеркласот го одржа онлајн. Тоа беше исклучителна можност да се слушне искуството на мајсторот на краткиот филм, а истовремено низ дискусија да се погледнат три негови филма.

Бележиме ли развој кога станува збор за краткиот филм?
– Што се однесува до краткиот филм, како уметничка форма, ние од самиот почеток решивме специфично да ја третираме кратката филмска форма, затоа што веруваме дека тоа е најважниот исчекор во кариерата на филмските работници и со нашиот фестивал досега успеваме да ги промовираме новите автори во најдобро светло. За тоа најмногу говори посетеноста на фестивалот, која од година на година расте. Нескромно, оваа година имавме најдобро фестивалско издание по сите параметри, со надеж дека следната година ќе биде уште подобра.