Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и директорката на Светска банка за Македонија и Косово, Карол Межеван, денеска потпишаа грант во вредност од два милиони долари за подготовка на проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица – фаза 2: наводнување и фаза 3: производство на електрична енергија“, пренесе МИА.
Проектот ќе го реализира Министерството за земјоделство преку постојната проектна единица за модернизација на земјоделството, а краен корисник ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип. Имплементацијата ќе трае 18 месеци, од 1 јули 2026 до 31 декември 2027 година.
Министерот Трипуновски истакна дека проектот ќе овозможи сигурно водоснабдување за земјоделските површини, што ќе придонесе за повисоки приноси, воведување нови култури, проширување на обработливите површини и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство. Тој ѝ се заблагодари на Светска банка за континуираната поддршка и нагласи дека партнерството ќе помогне во развојот на современи и ефикасни системи за наводнување.
Директорката на Светска банка, Карол Межеван, посочи дека проектот има сеопфатен пристап кој ги поврзува управувањето со водните ресурси, земјоделството и производството на обновлива енергија.
Таа нагласи дека грантот ќе овозможи подготовка на втората и третата фаза од проектот „Злетовица“, со што ќе се прошири системот за наводнување, ќе се создадат подобри услови за земјоделците и ќе се поттикне економскиот развој на регионот.
Според Межеван, проектот ќе придонесе и за поефикасно користење на водните ресурси во услови на климатски промени, како и за производство на чиста енергија со потенцијал до 15 гигават-часови годишно. Освен придобивки за земјоделството, таа очекува проектот да отвори можности и за развој на туризмот и други стопански гранки во регионот.

































