Претседателот на Собранието, Африм Гаши, од Парламентарниот самит на Парламентарното собрание на НАТО во Истанбул порача дека Алијансата мора да остане силна, агилна и подготвена за брза реакција во услови на сè покомплексни безбедносни закани, пренесе МИА.
Во своето обраќање, Гаши истакна дека светот брзо се менува и дека НАТО мора да располага со стратешка визија и ефикасни механизми за справување со современите предизвици.
-Светот брзо се менува. Затоа НАТО мора да остане не само силен, туку и агилен и подготвен за брза реакција, со стратешка визија и процеси на спроведување кои ќе одговараат на темпото и сложеноста на заканите со кои се соочуваме – порача Гаши.
Тој нагласи дека во време на геополитички тензии, дезинформации и растечка неизвесност, улогата на парламентите е поважна од кога било. Според него, претстојниот Самит на НАТО во Анкара треба да испрати јасна порака дека Алијансата останува обединета, трансатлантската врска е силна, а членот 5 и натаму е темел на колективната безбедност.
Гаши оцени дека за Македонија, како членка на НАТО сместена во стратешки чувствителен регион, е особено важно да продолжат инвестициите во Западен Балкан преку понатамошно проширување на Алијансата, продлабочување на партнерствата и зајакнување на безбедносната соработка.
Тој ја реафирмираше поддршката на Македонија за Украина, но истакна дека и случувањата на Блискиот Исток имаат сериозни последици врз меѓународниот мир, енергетските пазари и хуманитарната состојба, поради што, како што рече, мора да продолжат дипломатските напори за деескалација и дијалог.
Во делегацијата што ја предводи Гаши се и пратеникот Драган Ковачки, шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на НАТО, како и заменик генералниот секретар на Собранието, Ибуш Јусуфи.
На Самитот се обратија и претседателот на Големото народно собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, како и заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска. Тие ја нагласија потребата од силно и обединето НАТО, продолжување на поддршката за Украина и зголемување на инвестициите во одбраната.
Свечениот дел на Самитот беше заокружен со обраќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој оцени дека одржувањето на собирот во време на сериозни безбедносни предизвици е силен симбол на соработката и единството меѓу сојузниците.


































