Фото: МИА

Градежните работи за реконструкција и проширување на патниот правец од граничниот премин Ќафасан до Елбасан, кој е дел од Коридорот 8, продолжуваат со засилено темпо, соопшти Албанската агенција за државни патишта, пренесе МИА.

Во моментов, паралелно се работи на повеќе локации. Во тек е изградбата на два моста, оформувањето и насипувањето на патната траса, како и изведба на заштитни работи на речните корита.

Истовремено продолжува бетонирањето на тунелот кај Мирака, а се гради и пешачки надвозник со цел да се подобри безбедноста на локалното население и учесниците во сообраќајот.

Од Агенцијата истакнуваат дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Албанија, кој ќе овозможи побрзо и побезбедно поврзување со Македонија и со регионот.

По завршувањето на проектот, максималната дозволена брзина на делницата ќе изнесува до 110 километри на час, а времето на патување меѓу Елбасан и Ќафасан ќе се скрати на околу 30 минути.

Патниот правец, долг околу 50 километри, ќе биде изграден со по две сообраќајни ленти во двата правци и разделен појас, согласно современите стандарди. Како дел од Коридорот 8, делницата претставува важна копнена врска меѓу Албанија, Македонија и Грција и се очекува значително да го олесни транспортот на луѓе и стоки.