Фото: Игор Бансколиев

Ново зголемување на цената на лебот, брашното и на печивата

До крајот на ноември цената на лебот, брашното и на печивата ќе се зголеми за најмалку 10 проценти, најавуваат мелничарите.

Причини за поскапувањето, велат, се скапата струја и растот на берзанските цени на пченицата.

Мелничарите бараат субвенции за електричната енергија или да бидат додадени на регулираниот пазар зашто само така, нагласуваат, би се смирила ситуацијата и соодветно би се намалиле цените во корист на населението.

Како што изјави претседателот на Групација на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора, Горан Малишиќ, од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ, зашто и онака 75 отсто од производството на пекарската индустрија се изведува во ноќните часови.

Засега одговор од Владата на барањето на мелничарите нема. Тие иднава недела очекуваат средба на повисоко ниво, меѓу комората и ресорните министерства, за наоѓање соодветни решенија.